Македонија не е земја на инклузија, туку на интеграција

Политиките за инклузивно образование, сé уште, не се на ниво на процес на инклузија, туку процес на интеграција на Ромите, е клучната порака од денешната средба на претставници на националните и на локалните институции, општини и граѓански организации во рамки на проектот „Градење на посилно граѓанско општество за поттикнување на напорите за унапредување на образовната инклузија на Ромите“, во организација на Ромскиот Ресурсен Центар од Скопје и Центар за семејно и детско згрижување КМОП од Атина.

„Македонија, сé уште, не е инклузивна средина за Ромите, што всушност би значело прилагодување на општеството на потребите на поединецот. Како држава сме во фаза на интеграција, кога личноста се прилагодува на општеството. Значи, согласно денешните услови, Ромите треба да се прилагодат на општеството, иако сите граѓани се еднакви пред законите во државата. Треба да се прилагоди системот“, велат организаторите.

Според Фатош Усаинова, програмски менаџер во Ромскиот Ресурсен Центар, улогата на граѓанското општество е клучна во процесот на образовната инклузија на Ромите.

„Сите чинители на општество треба да се вложат максимално за да се обезбедат соодветни услови и соодветна средина за да може да се успешно вклучување на децата Роми, кои досега од кои било причини немаат пристап до редовното образование“, објаснува Усаинова.

Александар Ванчовски, претставник на КМОП, истакна дека граѓанските организации како еден од главните чинители за овозможување на инклузијата на ромската заедница во образовниот процес во Македонија се во фокус на овој проектот.

„Преку јакнење на капацитетите на граѓанските организации и финансиската поддршка на 11 модели на инклузија во образованието преку грантовата шема на проектот се прават конкретни напори за поттикнување граѓанските организации да станат препознатлив чинител во инклузијата на локално и национално ниво“, потенцира Ванчовски.

На денешната средба учесниците разговараа за тоа што претставува поимот инклузија, која е улогата на институциите во контекст на инклузивното образование и препораки за модели за инклузивно образование на Ромите во Македонија.