Прескокнувањето на предучилишното образование, ниското образовно ниво на родителите и на социоекономскиот статус, слабото познавање на македонскиот јазик, но и нередовноста во училиштето се главните фактори што негативно влијаат на вклученоста на учениците Роми во образованието. Состојбата навидум мрда напред, но многумина од државава треба да го „загреат“ столчето за конечно да се оттргнат сите социјални, образовни и правни бариери.
Ова се поенти од свежо претставеното истражување на Ромскиот ресурсен центар и Центарот за семејно и детско згрижување – Атина. Наодите се дел од проект на ЕУ што ќе трае до јануари 2019 година. Ова претставува уште еден обид да се забрза работата, да се дадат насоки и задачи, со цел поефикасно да се вклучат децата Роми во формалното образование.
Според Себихан Демировски од Ромскиот ресурсен центар, постојат големи резултати што покажуваат дека е унапредена состојбата со образованието кај Ромите.
„Пред 2005 година имало максимум десетина студенти Роми, а дипломирани помалку, сега има од 300-400 активни студенти на факултетите во Македонија и некаде до 150 дипломирани студенти Роми. Има напредок и во средното образование кај ромската заедница“, истакнува Демировски.
Постојат деца што не се вклучени во образованието, од која било причина и, вели тој, работат на тоа да ги унапредат инклузивните политики. Со проектот да ги зајакнат капацитетите на локално и национално ниво за да може да обезбеди максимум за нивно вклучување. Исто така, логичен продолжеток е и напредокот во бројот на вработените Роми во администрацијата, во јавните служби, но сепак недоволно.
Со анализата се бара да се вклучат постарите ученици во основното образование преку воннаставни активности и да се подготвуваат посебни скратени програми. Подвлечена е и потребата за интервенција на наставниците за работа со „ранливата група на ученици“.
Меѓу другото, нужно е и отстранување на правните бариери за дополнителен упис во матичната книга на родени. Потоа, да се регулира задоцнет упис во прво одделение, но и мерки за ученици отсутни од училиште поради престој во странство или сезонска работа.
„Исто така, професионално усовршување во граѓанските организации, зголемување на менторската поддршка, но и поддршка во процесот на подготвување на стратегиски документи и вмрежување“, стои во заклучоците од анализата.
Над 2.000 Роми „фантоми“ во Македонија, со непознат стадиум на образование
Според Министерството за труд и социјална политика, околу 500 Роми се правно невидливи, но невладините ромски организации „Амбрела“ и „Лил“ тврдат дека таа бројка е над 2.000. Законски е недозволиво да има граѓанин без здравствено осигурување, ниту да е надвор од образовниот систем, а државата сѐ уште не наоѓа начин да го реши проблемот.
Новинарката Атиџе Селман потенцира дека ДНК-анализите што државата ги спроведува не овозможуваат брзо и ефикасно решавање на неевидентираните лица.
„Во Македонија во 21 век сè уште живеат граѓани Роми без лична идентификација наречени ‘фантоми’. Тоа се правно невидливи лица, луѓе чие раѓање не е евидентирано во матичната книга на родените и живеат на територијата на Република Македонија, иако токму поседувањето документи за лична идентификација е една од основните потреби на граѓанинот, тоа е фундаментално човеково право“, вели Селман.
„Постоењето на проблемот со легално невидливите лица во моментов се рефлектира низ три генерации. Првата е врзана со граѓанскиот статус на мајката, втората се нерегистрираните лица од различна возраст (најмногу се застапени младите малолетни мајки со новородените деца) и третата генерација се новородените деца“, потенцираа од организацијата за заштита на правата на жените и децата одка популација „Лил“. ромс
Она што за познавачите на проблематиката „паѓа во очи“ е , која се спроведува од ноември 2011 година, во неколку фази. Со ваквата постапка на годишно ниво се решаваат од 30 до 50 случаи. Министерството за труд и социјална политика во рамките на своите надлежности од 2011 година досега поддржало спроведување на 93 ДНК-анализи и извршен е упис на вкупно 120 лица во матичната книга на родени.
Решавањето на ваквите случаи е долго поради бирократскиот процес, кој трае повеќе од една година, а бројката на неевидентираните лица, во која спаѓа само првата генерација во семејството, секојдневно се зголемува бидејќи оваа категорија лица се многудетни семејства, а и лица што стапуваат во малолетнички бракови. Решавањето на овој комплексен проблем бара постојано следење и надградување на постојните решенија со цел наоѓање на соодветни решенија бидејќи секојдневно се зголемува бројот на ‘невидливите новороденчиња’“, забележува Атиџе Селман.