Челим од Италија, Ромскиот Ресурсен Центар и општина Виница продолжуваат со активностите за подобрување на квалитетот на домување на Ромите во општина Виница.
Веќе е во фаза реконструкцијата на седмата куќа од вкупно 22. Овие активности се спроведуваат во рамки на проектот „Обезбедување на пристојни услови за домување за ромската заедница во општина Виница -СДХ“. Во наредниот период следи реконструкција и на останатите 15 куќи.
Дополнително веќе отпочна и процесот на легализација на куќи на социјално загрозени семејства од ромската заедница кои долго време чекаа да се реши нивниот статус, а не беа во можност поради финансиски проблеми. Во овој момент е завршена легализација на првите 15 куќи. Во наредниот период ќе се работи на легализирање на уште 40 предмети кои до крајот на месецот ќе се завршат. Со тоа, овие семејства ќе се стекнат со решение за легализација и имотен лист за нивните домови. Во текот на имплементацијата на проектот треба да бидат решени вкупно 255 домакинства и да им се обезбедат имотни листови.
Проектот го имплементираат Челим од Милано – Италија, Ромскиот Ресурсен Центар од Скопје и општина Виница во соработка со Кабинетот на Министерот без ресор задолжен за спроведување на Националната стратегија за подобрување на состојбата на Ромите во Р. Северна Македонија.
Проектот е финансиран од Европската Унија во рамките на ИПА 2 програмата од програмски акциски документ за 2017 година, во соработка со Министерството за труд и социјална политика.