Програмскиот Директор на Ромскиот Ресурсен Центар имаше свое излагање во Собранието на Северна Македонија

На 06.02.2023 година, по покана од страна Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, програмскиот директор на Ромскиот Ресурсен Центар од Скопје Себихан Демировски, имаше излагање за  примената и спроведувањето на Законот за неевидентираните лица во матичната книга на родени.

Како став на Ромскиот Ресурсен Центар во однос на спроведувањето на законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени пред пратениците и претставниците на ресорните министерства беше искажано следното:
1. Законот како таков не го решава статусот на овие лица, туку уште повеќе го усложнува процесот на регистрација, добивање матичен број и обезбедување на лични документи;
2. Процесот на евидентирање, упис во посебната матична книга на родени се до упис во редовната книга на родени и издавање на лични документи трае предолго дури 5 години, кое значително го отежнува процесот, а при тоа и животот на овие луѓе;
3. Идентификациониот број кој го издаваат од посебната матична книга на родени не го препознаваат институциите односно информацискиот софтвер на државата, а со тоа и личните документи кои им се издаваат на лицата. Поради тоа, неевидентираните лица пак не можат да ги остваруваат ниту едно од правата кои се наведени во законот во член 2, иако самото наведување на четири права претставува директна дискриминација кон овие лица;
4. Законот како таков предвидува решение (кое не е решение) само за лицата кои се пријавени на јавниот повик согласно законот. Останатите лица кои не се пријавиле остануваат надвор од процесот и продолжуваат со својот пеколен живот а притоа понатака продуцираат дополнително новородени кои не можат да се евидентираат.
Согласно тоа, препораките на Ромскиот Ресурсен Центар беа во насока на:
5. Законот за неевидентираните лица не треба да биде временски ограничен се до идентификувањето и решавањето на последното лице кое не е евидентирано;
6. Измени на законот за неевидентирани лица и усогласување со материјалните закони како што се: законот за матична евиденција и законот за државјанство;
7. Ако се продолжи праксата со пријавување на јавен повик, тогаш повикот да не биде ограничен со време се до идентификување на последниот случај на неевидентирано лице;
8. Да се обезбеди механизам за директно упишување на неевидентираните лица во редовната матична книга на родени согласно законот за матичната евиденција, за да се избегне тој лавиринт од 5 години за упишување на неевидентираните лица;
9. Измените и усогласувањето на законите кои го третираат решавањето на статусот на неевидентираните лица да се почнат веднаш и по брза постапка да се завршат;
10. Ресорните институции сериозно и посветено да работат на спроведувањето на законот/законите;
11. Да се обезбеди соодветен надзор, мониторинг и евалуација на нивото на имплементација на законот и на процесот за евидентирање и решавање на статутсот на неевидентираните лица во РСМ.
Ромскиот Ресурсен Центар заедно со институциите ќе продолжи посветено да работи и да дава максимален придонес во процесот на решавање на статусот на неевидентираните лица.
Во прилог можете да го проследите целосното излагање на Програмскиот директор на РРЦ во Собранието на Република Северна Македонија: