Ромскиот Ресурсен Центар го честита одбележувањето на денот на Охридскиот Рамковен Договор

Програмскиот директор г-дин Себихан Демировски од името на Ромскиот Ресурсен Центар го честиташе одбележувањето на денот на Охридскиот Рамковен Договор 13 Август.

Денеска се одбележуваат 19 години од донесувањето на Охридскиот Рамковен Договор. На 13.08.2001 година во Охрид се потпиша Рамковениот Договор како решение за прекинување на воениот конфликт во Република Македонија како и унапредување на правата на Албанците во Македонија како и на другите помали етнички заедници.

Со тоа Охридскиот Рамковен Договор претставува важен елемент за градење на меѓуетнички и мултикултурен соживот помеѓу сите заедници во државата истакна програмскиот директор Себихан Демировски. Со помош на оваа политика помалите етнички заедници успеа да се интегрираат во институциите на системот преку правична застапеност во јавната и државната администрација. Во периодот пред Охридскиот Рамковен Договор вработени Роми во јавната и државната администрација може да се каже дека речиси и немаше. Согласно податоците на МИОА и извештаите на Народниот Правобранител денеска има вработени околу 1600 до 1800 Роми во јавната и државната администрација. Сепак мора да се истакне дека процентот на застапеност на Ромите е се уште мал некаде околу 50% од потребната квота, а и значителен проблем е тоа што нема Роми на раководни позиции, додаде г-дин Себихан.

Она што е важно е дека Ромите во Република Северна Македонија се свесни за придонесот на Охридскиот Рамковен Договор за интеграцијата на ромската заедница во нашата држава, и токму поради тоа ромската заедница смета дека овој договор мора да продолжи и во иднина во некоја друга форма со што ќе се продолжи почитување на принципот на правична застапеност при вработувањето во јавната и државната администрација како и унапредување и зајакнување на политичката улога на Ромите во Република Северна Македонија.

Ромскиот Ресурсен Центар верува дека Владата на Република Северна Македонија, државните институции и Ромите политичари силно ќе продолжат да го поддржуваат Охридскиот Рамковен Договор со цел да се продолжи со балансирање и негување на меѓуетничката толеранција и соживот, зацврстување на интеграцијата на ромската заедница и другите етнички заедници во институциите на системот како и зајакнување на политичката улога на Ромите во Република Северна Македонија.