Соопштение за јавноста од страна на Skopje1.mk за проектот Обезбедување за пристојни услови за домување за ромската заедница во Виница-SDH

Започна првата фаза на реконструкција и реновирање на куќи на најзагрозените ромски семејства во виничката населба Блок 18. Во оваа фаза ќе се реконструираат и реновираат 11 од вкупно 22 предвидени, кои се оценети како куќи со најлоши и штетни услови за живеење. Реконструкцијата и реновирањето на куќите е дел од Проектот „Обезбедување пристојни услови за домување за ромската заедница во Општина Виница – СДХ“, кој го спроведуваат ЦЕЛИМ Македонија и Ромски ресурсен центар, во соработка со Општина Виница и со Кабинетот на Министерот без ресор задолжен за спроведување на Националната стратегија за подобрување на состојбата на Ромите во Р.С. Македонија. Проектот е финансиран од Европската Унија.

Во рамките на овој проект, паралелно се работи и на легализација и обезбедување имотни листови за повеќе од 200 куќи во сопственост на социјално загрозени семејства, а започна и постапката за донесување детален урбанистички план за овој дел од Виница.

Со овој проект ќе се реализираат и низа други инфраструктурни работи во виничкиот Блок 18. Ќе се изгради фекална канализација во должина од 400-500 метри, локални улици во должина од 3.000 метри, ќе се изградат потпорни ѕидови на места и улици каде што постои опасност од свлечишта, ќе се постават 40 соларни светилки во досега неосветлените улици и 30 контејнери за отпад.

ЦЕЛИМ Македонија е подружница на ЦЕЛИМ (Centro Laici Italiani per le Missioni) од Милано, невладина организација oснована во 1954 година, која спроведува проекти на Балканот, во Блискиот Исток и во Африка.

Извор-Skopje1.mk