Не им е среќен 8ми Април на Адиле, Шанкар и Руфат…

Облачно попладне, со најави за врнежи во текот на денот. Денот сепак на повеќето од нас е зелено-син, со црвени примеси.. таков ми е барем мене timeline-от на ФБ, од сите пријатели кои на профилните слики го имаат ставено Ромското знаме (барем денес).. ама ако, се радувам, се сеќавам уште од 2006 на разговорите за денешниот ден во Ромаверситас, како треба да делуваме за да се развие етничката свест кај пошироката Ромска популација, што треба да се случи за да се развие чувството на гордост и достионство од носењето на грб на товарот да си Ром. Товар е, да, товар е многу голем, да не беше товар немаше да има ни Декада за вклучување на Роми, ни Стратегии за Роми, ни позитивна дискриминација за Роми… немаше да постои ниту ДИСКРИМИНАЦИЈА кон Ромите..

 

Нејсе, приказната не е за нас, за тие што се снајдовме во општеството и што научивме како да кажеме СТОП – ЈАС НЕ СУМ ЦИГАН – ЈАС СУМ РОМ. Не е за нас, тие што научивме дека ако два пати повеќе се потрудиш, ќе бидеш на едно скалило поблиску до ЕДНАКВИТЕ. Не е за нас.. за ДРУГИТЕ Е..    за тие другите помеѓу нас на кои најголемата болка им е да останат семејство, да не дојдат во ситуација децата да им бидат одземени од Центрите за социјална работа поради тоа што немаат услови за пружање на соодветна родителска грижа.. Таков страв денес, и вчера и утре има Ќевсер..

 

Мајка на три малолетни деца, Руфат, Шанкар и Адиле. Руфат денес е на училиште, го празнува денот на Ромите заедно со своите соученици, една календарска година помали од него, затоа што не успеале родителите навреме да го вклучат во образовниот процес. Какви ли се тоа родители што не мислат на образованието на своите деца??? Ќе видите подолу какви се..

Адиле и Шанкар се дома, само што пристигнаа од Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари каде што престојуваат во текот на денот, добиваат топла ужинка, се социјализираат, едуцираат и секој понеделник се бањаат. Се родија дома, мајка им и татко им го испуштија рокот за пријавување и моментално немаат изводи од МКР. Какви ли се тоа родители што не мислат на своите деца??? Со помош на локални невладини организации, веќе две години се водеше битка за обезбедување на бесплатно ДНК тестирање од МТСП за утврдување на мајката и конечно решението е добиено, но ете, стои некаде на нечие биро за извршување, веќе два месеци.. ама ако, кога чекаа 5 години родителите, што им менува уште два-три месеци. Ќе видите подолу што им менува..

Мајката Ќевсер објаснува за утрешниот настан… тажен настан. Ќе обележи 7 дена од смртта на Сабајдин, таткото на нејзините деца..

Ајде од почеток:

Го запознав семејството таму, под Кале, каде што сега ќе се гради некој хотел, мотел, циркус или што и да се гради. Таму им беше домот, на нив и на други триесетина семејства. На два метра должина и два ширина живееа сите пет членови од семејството, со каллива површина под нозе и картон над глава. Сабајдин собираше пластичен отпад. И децата порано собираа со него, но од страв да не ги „соберат„ децата од ЦСР, престанаа родителите да ги носат на собирање. Извесно време, поради влошената здравствена состојба и мајката не собираше, остана целиот товар на таткото. Сироткиот, едвај стоеше, едвај седеше, но тој ден кога бевме влечеше цела вреќа пластичен отпад со себе. Ќевсер молеше тој ден, да и помогнеме да најдат една собичка во Шуто Оризари за да може да се преселат затоа што им најавија рушење на импровизираните живеалишта. Се вративме и баравме.. во меѓувреме нешто се случи со Сабајдин и тој заврши во болница. Па не изгледаше многу болен, си помислив, само беше уморен.. Најдовме една собичка и со Ќевсер ја таксавме, 50 евра месечно за една собичка без струја.. желбата на Ќевсер беше само ако почине маж и да го изнесе телото од дом со кров. Тогаш се освестив и прашав „Зарем е толку сериозно, што му е?„ Себајдин беше во финална фаза на канцер, кој ги зафати сите внатрешни органи. Тој сироткиот, кој едвај тогаш стоеше и едвај седеше, си имал мака голема, но машки премолчуваше за да не ги растажи децата, за да може нивната насмевка да му даде сила и наредниот ден со големи болки да оди и по цело Скопје да собира пластичен отпад..

Наредната недела, петок, Сабајдин почина.. и како што сакаше, Ќевсер го изнесе својот починат невенчан сопруг од куќа со кров. Го погребаа во Тетово, по лична карта со живеалиште беше од таму. За погребалните услуги семејството остана должно 500 евра.

Она што ние можевме тогаш, го направивме како невладин сектор.. шест организации собравме нешто пари, нешто јадење, нешто хигинески сретства и ги однесовме кај Ќевсер. Сиротката, седеше до главата на својот починат сопруг и ја гледаше неговата лична карта, само на таа слика можеше да го гледа, други слики од него нема и велеше „кој ќе ги храни сега нашите деца„…

Помина скоро една недела од тогаш. Ќевсер, која боледува од неколку хронични болести е подобра. Барем не пие по 6 дијазепами, туку по 1 на ден. Сеуште се надева дека овој месец ќе ги добие изводите на двете непријавени деца, за да може да аплицира за социјална парична помош.. Се надева многу, затоа што киријата цела не ја плати, плати само 1000 денари капар и се плаши дека пак на улица ќе заврши. Шишиња веќе никој не собира.. од што живеат деновиве, и јас се прашувам.. веројатно од милоста на соседите кои се во слична состојба, но сепак имаат доза на солидарност во себе па го делат последното нивно со неа и нејзините деца.. кога ја прашав за дозвола, дали може нејзината приказна да ја раскажам, нејзината единствена молба беше: „СЕ ШТО САКАШ НАПРАВИ, СЕ ШТО МИСЛИШ ДЕКА ЌЕ НАПРАВИ ДА ДОБИЕМЕ ОД НЕКАДЕ ПОМОШ, САМО ТЕ МОЛАМ, ТЕ МОЛАМ НЕМОЈ ДА ДОЗВОЛИТЕ ДЕЦАТА ДА МИ ГИ ЗЕМАТ, ТОГАШ ЌЕ УМРАМ И ЈАС„ .. мајка, кој си има деца, ќе ја свати длабочината на нејзините зборови..

 

АПЕЛ ДО СИТЕ ПРИЈАТЕЛИ КОИ ДЕНЕС ДЕБАТИРААТ, ПРОТЕСТИРААТ, ПРОСЛАВУВААТ, ОДВОЈТЕ 100 ДЕНАРИ ЗА ОВА СЕМЕЈСТВО! Еве ја математиката: 2000 лица x 100 денари = 200.000 денари. Со тие пари ќе најдеме да и купиме една собичка во околината каде што живее. Еве и сметка за донирање: Ќефсер Омерова, сметка: 270-7000339589.70, Халкбанк, со назнака: Донација за Ќефсер Омерова.

 

АПЕЛ ДО СИТЕ ПРИЈАТЕЛИ КОИ ДЕНЕС ДЕБАТИРААТ, ПРОТЕСТИРААТ, ПРОСЛАВУВААТ, ПОМОГНЕТЕ ДА И НАЈДЕМЕ РАБОТА НА ОВАА МАЈКА! Поради болестите кои ги има, како и незавршеното образование и немањето на дополнителни вештини, единствено што знае да работи е да чисти. Да се обидеме да и најдеме таква работа.

 

Телефонски број за помош не знам како се отвара, ако може некој нека отвори. Кој сака да донира, нека ми напише маил на fatima.osmanovska@rrc.org.mk

 

 

Фатима Османовска Кундевска

Претседател на Ромски Ресурсен Центар