Намалете ги трошоците за време на празниците

Новогодишната треска и празничната атмосфера се чувствува. Секој празник иста песна, а посебно овој период, предновогодишниот. Во Македонија за жал ништо не функционира од 15.12 до 15.01. Или се слави или тие што славеле се рехабилитираат од славењето. Кесињата се одврзуваат и не се размислува за тоа колку ќе се потроши и за што ќе се потроши. Мора да се биде најубав/а, мора да се слави, мора да бидеш присутен, да те видат или да видиш некого…

Од друга страна, цела година се збореше за рецесија, за стегање на ремените, за намалување на трошоци, за неликвидност на компаниите, за затворање на фирми, но сепак секогаш кога ќе дојде период на празници некако сето тоа се заборава. Директорите како да се маѓепсани во тој период и несебично ги расфрлаат парите за разноразни прослави, иако претходно ги убедувале своите вработени дека на фирмата тешко и оди, дека нема пари и слично. Самите се ставаат во замка, за која немаат потреба, а има решение.

Морам да признаам, и јас сум за тоа дека таа традиција не смее да се заборави, малку ми смета оној временскиот период од 15.12 до 15.01 што ништо не функционира( сепак тоа е стил на живеење), но сепак мислам дека мораме да се научиме на менување на некои навики, менување на некои стилови на живеење и беспотребно расфрлање на парите.
ДА, треба да се прават предновогодишни собиранки и треба фирмата да го покрие сето тоа, но има начини како при тоа да се намалат тие трошоци, а сепак да се одбележи прославата.

  1. Заедничка прослава на повеќе фирми. Најдете фирма/и партнер или соработник со која убаво соработувате и заеднички инвестирајте во прославите. Со тоа имате повеќекратен бенефит:
    • ќе имате повеќе луѓе на прославата
    • ќе поттикнете запознавање на вашите вработени со вработените од фирмата со која соработувате
    • си гарантирате успешна соработка и за наредната година
    • сигурно ќе чини поефтино отколку сами да организирате
  1. Местото за прослава договорете го многу однапред со одредени попусти.Обавезно нека биде со опција и за стоење, затоа што тоа овозможува неформално дружење помеѓу сите присутни, што не е случај ако сите седат на маса.
  2. Немојте да чекате последен момент за организација.
  3. Органзирајте ги празнувањата на празниците после празникот, тогаш и има најмала посетеност во угостителските објекти и е многу поефтино, a ќе бидете уникатни.
  4. Наместо да одите во некој угостителски објект, подобро купете (симболични) подароци за вработените кои ќе им ги врачите на крајот на годината како заслуга за сите успеси што заедно сте ги имале.
  5. Немојте да викате секого. Инвестирајте време во подготовка на листата на гости. Отворен тип на забави повеќе чини и го нема ефектот на неформално дружење помеѓу посетителите. Најдобро е да ги викнете вашите најбитни и најдобри соработници, клинети или партнери. Со ова имате можност да обрнете внимание на сите повикани гости, што не е случај кај прослави од отворен тип.
  6. Веќе ако ниеден од горенаведените предлози не ви се допаѓа, тогаш немојте да ги правите Вашите прослави во некои од скапите угостителски објекти, и помалите се убави за тоа:
    • Цената кај помалите објекти е многукратно помала отколку кај поголемите,
    • Ако имате повикано многу гости, не ви дојдат сите, а локалот е голем. Изгледа празно. Помалите локали ќе го намалат овој ефект,
    • Гостите ќе имат можност да се дружат меѓу себе поефективно и подобро да се запознаат,
    • Ќе воспоставите убава комуникција со сопственикот на тој (нов и помал) локал за други прослави и можност договарање за одредени попусти за следните прослави или деловни состаноци

 

Несомнено најважен е периодoт после празниците, затоа што тие прослави предизвикуваат пречки во нормалното функционирање на компаниите после тоа. Поради тоа и умереноста за време на празнувањето на празниците е од голема важност и треба да се потенцира многу пред прославата.