Од денеска 11.06.2020 година започна првата фаза со реконструкција и реновирање на 11 куќи на најзагрозените Ромски семејства во општина Виница. Во наредните два месеца посветено ќе работиме да се реновираат сите куќи во првата фаза и овие 11 семејства ќе се вдомат во нивните домови, но во поквалитетни и подобри услови за живеење и домување. Дополнително сите овие куќи добија поддршка за легализација на нивните домови и обезбедување на имотни листови за нивните куќи.
Во рамките на проектот е предвидено да се реновираат вкупно 22 куќи кои се во најлоши и штетни услови за живеење. Во периодот што следува, како втора фаза ќе се реновираат уште 11 куќи.
Паралелно се работи активно на легализација на повеќе од 200 домови на ромски семејства кои се социјално загрозени и до сега не го решиле нивното прашање со домување.
Исто така се почнува и со постапка на донесување и на детален урбанистички план за блок 18 за целата ромска населба во општина Виница. Со ова, конечно ќе се реши долгогодишниот проблем со неизвезноста на домувањето на и инфраструктурата на повеќе од 700 ромски семејства во општина Виница.
Овие активности се спроведуваат во рамки на проектот „Обезбедување на пристојни услови за домување за ромската заедница во општина Виница -СДХ“ финансиски поддржан од Европската Унија. Проектот го имплементираат CELIM од Милано – Италија, Ромскиот Ресурсен Центар од Скопје, општина Виница и Кабинетот на Министерот без ресор задолжен за спроведување на Националната стратегија за подобрување на состојбата на Ромите во Р.С. Македонија.
Проектот е финансиран од Европската Унија во рамките на ИПА 2 програмата од програмски акциски документ за 2017 година, во соработка со Министерството за труд и социјална политика.
РРЦ заедно со своите стратешки партнери и понатаму ќе продолжи со залагање и работа за подобрување квалитетот на домување и живот на ромската заедница.