Околу 250 ромски семејства од Виница ќе добијат имотни листови, подобрена инфраструктура и реновирани куќи со помош на ЕУ

Домувањето на Ромите претставува клучен сегмент за обезбедување на здрав и квалитетен живот на ромската заедница. Прашањето со инфраструктурата и квалитетот на домување долго време се наметнува како агенда, но директните мерки во ромските населби се ограничени.

За таа цел Ромскиот Ресурсен Центар (РРЦ) заедно со меѓународната организација CELIM од Италија во соработка со општина Виница обезбедија грант од Европската Комисија за подобрување на состојбата со домувањето на ромите во Виница. Проектот почна со имплементација од почетокот на Ноември 2019 и ќе трае до крајот на Декември 2021.

Со проектот ќе се помогне во решавање на проблемите со домувањето и инфраструктурата на ромската заедница во Виница, преку следните мерки:

– Урбанизирање на ромската населба во Виница (блок 18) преку усвојување и ставање во функција на детален урбанистички план за блок 18;

– Легализирање на сите нелегализирани куќи на околу 250 Ромски семејства во Виница и обезбедување на имотни листови за истите;

– Целосна реконструкција и реновирање на најмалку 22 куќи на ромски семејства кои имаат видливи штети и лоши услови за живеење;

– Подобрување на водната и електричната инсталација во ромската населба за поквалитетна вода за пиење и обезбедување на доволен капацитет за електрична енергија во целата ромска населба во Виница;

– Подобрување на инфраструктурата во ромската населба во Виница преку изградба на приклучни улици, а со тоа и соодветен пристап до куќите на сите ромски семејства, подобрување на атмосферска и фекална канализација и подобрување на уличното осветлување преку користење на обновливи извори на енергија, итн.

Проектот има за цел да ги намали лошите услови за живеење на повеќето Роми во Виница.

Голема благодарност до Општина Виница за поддршката на еден ваков важен проект преку кој директно се инвестира за подобрување на квалитетот на живеење во домувањето и инфраструктурата на Ромите во овој град.

Проектот е финансиран од Европската Комисија во рамките на ИПА 2 програмата, буџетска линија број: 22.020102, Програма за олеснување на социјалната инклузија на Ромите.

Тимот на Ромскиот Ресурсен Центар (РРЦ) заедно со националните и меѓународни партнери ќе продолжи да обезбедува вакви квапитални и инфраструктурни инвестиции и во иднина за ромската заедница во Република Северна Македонија, со цел конечно да се подобрат лошите услови во кои живеат Ромите.